Ова е искуството на руските пранкери Вован и Лексус со поранешниот македонски премиер Зоран Заев што го споделија во гостување на подкастот на блогерот Артемиј Лебедев кој е достапен на социјалната мрежа ВКонтакте. Во разговорот, тие го опишаа Заев како херој на нивните шеги и политичар кој успеале да го „возат“ цела година, што, како што велат, не им успеало со останатите кои биле мета на нивните лажни повици и претставувања.
Тие тврдат и дека по објавувањето на разговорите на нивниот Youtube канал, во Македонија имало дебата за безбедносни прашања и сигурност на комуникациите на функционерите.
Теми на разговор на лажните Столтенберг, Тунберг и Порошенко со Заев биле ситуацијата со референдумот, евентуалното влијание на Русија во земјава, за односите меѓу Србија и Косово, за добивање на статус на автокефалност за Македонската православна црква. Лажниот Порошенко го убедувал Заев дека таквата цел е достижна со 100.000 евра мито за вселенскиот Патријарх Вартоломеј.
Мети за шегување на руските пранкери беа и поранешниот британски премиер Борис Џонсон, поранешниот премиер на Луксембург и екс претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер, францускиот претседател Емануел Макрон и неколку гувернери и конгресмени во САД.