Возилата на сараевските таксисти обележани со фотографии од Халид Бешлиќ, бесплатен превоз за сите граѓани

Таксистите од Сараево, кои денеска бесплатно ќе возат до гробиштата Баре, на предното стакло на своите возила поставиле фотографија од Халид Бешлиќ.

Сараево е во последни подготовки за погребот на Халид Бешлиќ, кој почина од тешка болест на 72-годишна возраст, во вторник, на 7 октомври. Се очекува околу 30.000 луѓе да пристигнат во главниот град на Босна и Херцеговина за да го испратат „кралот на народната музика“ на неговото последно почивалиште.

Гробиштата Баре се подготвени за пристигнување на голем број луѓе, а таксистите од Сараево уште однапред одлучиле дека на денот на погребот сите граѓани ќе имаат бесплатен превоз до гробиштата.

Сите таксисти кои ќе возат до Баре на предното стакло имаат слика од Халид со неговото име и години на раѓање и смрт, со што на тој начин му оддаваат почит на големиот музичар.

„Халид Бешлиќ беше нашиот брат. Целиот живот Халид и таксистите од Сараево живеа заедно. Тој меѓу нас има пријатели, роднини. Се работи за голем човек. Одлучивме дека секој што ќе тргне на погребот, ќе има бесплатна вожња“, изјави пред неколку дена Енвер Сљугиќ, претседател на Сараево такси.

По повод погребот на Халид Бешлиќ, во Босна и Херцеговина за понеделник е прогласен ден на жалост.