Единаесетгодишно момче го управувало пикап-возилото на своите родители и во четврток удрило во будистичка поворка во Тајланд, при што загинале осум монаси, а повеќе од 20 лица биле повредени, соопштија полицијата и здравствените власти.
Група од 35 монаси и петмина мирјани се движела покрај пат во североисточната покраина Мукдахан за време на аџилак кога се случила несреќата.
„Го видовме момчето како го вози пикапот и ни се приближува. Во тој момент ја изговарав ‘Будо, Будо’ (медитативна мантра)“, изјавил монахот Фра Сомпонг во видеоснимка објавена од локалните спасувачки служби.
„Одеднаш возилото со голема брзина удри и нè покоси“, додал тој.
Според неговите зборови, дел од монасите успеале да го избегнат ударот, но други биле погодени и исфрлени во воздух.
Полицијата соопшти дека пет монаси загинале на местото на несреќата, додека уште тројца подоцна им подлегнале на повредите во болница.
Четворица монаси се наоѓаат во критична состојба во болницата во Мукдахан, уште десет се потешко повредени, додека останатите се здобиле со полесни повреди.
Снимките од безбедносните камери ги прикажуваат монасите како се движат покрај патот, по што се гледа пикапот и силниот удар што ја прекинува поворката.
Според полицијата, момчето без дозвола го земало возилото на своите родители и изгубило контрола пред да удри во поворката.
„Осомничениот е дете. Возилото е испратено на форензичко вештачење за да се утврди причината за несреќата“, изјавил полицискиот генерал-мајор Паирој Тајпутса.
Тој додал дека на разговор биле повикани и родителите на момчето за да се утврди кој е одговорен за грижата за детето и како ќе продолжи правната постапка.
Началникот на локалната полиција потврдил дека станува збор за 11-годишно момче.
Будистичките монаси во Тајланд често учествуваат во јавни поворки и примаат милостина од граѓаните.
Гувернерот на покраината Мукдахан истакнал дека овој случај треба да послужи како предупредување за важноста на безбедноста во сообраќајот.
Тајланд има една од најлошите статистики за сообраќајни несреќи во светот, при што пребрзото возење, управувањето под дејство на алкохол и недоволната примена на законите се меѓу главните причини.
„Мора да бидеме многу построги кога станува збор за безбедноста во сообраќајот. Ова треба да биде лекција за целото општество, особено за родителите“, изјавил гувернерот.
เปิดคลิปช่วงนาทีเกิดเหตุที่พระ 34 รูปกำลังเดินธุดงค์อยู่ริมถนน…มุกดาหาร
Cr.ไพรวัลย์ วรรณบุตร #พระธุดงค์ #มุกดาหาร https://t.co/b1b3LEocth pic.twitter.com/DRvlYs5rzv
— Kawaaii (@Kawaaii13) July 2, 2026