Македонија

Вработените бараат исплата на плати – нов протест во ЗК „Пелагонија“ на Орце Камчев

Нов протест, исти барања. Вработените во најголемиот земјоделски комбинат „Пелагонија“ денеска повторно излегоа на протест – бараат исплата на плати.

„Втор штрајк поради двете неисплатени плати, затоа сме собрани денеска на мирен протест. Имаше ветувања за исплата, но досега не се исполнети“, вели Дејан Јанкуловски.

„Од 11 месец немаме плата земено. Сега бараме да ни се реши случајот, да ни кажат дали ќе работи комбинатот или не. Ние сите сме по 60 години, ова не е начин на работа“, додава Алексо Ризески.

Велат дека работат од 12 до 14 часа на ден. Иако голем број денеска протестираа, велат дека нема застој во работата на комбинатот.

„Никоја операција не е застаната. Постојано работиме. И жетва има и сеидба има, се имаме сработени. Вака не се живее. 70% од работниците се како мене. Јас имам четири стентови на срце. 4.000 денари не ми стигаат за лекарства. Со кои пари ќе ги купам?“, рече Владо Маловски на денешниот протест.

 Неисплатените плати не се единствените проблеми со кои се соочуваат вработените. Се жалат дека три години се без К-15, а не добиваат ниту општествена храна.

„K-15 три години немаме земено, крајно беше да протестираме. Сега, треба да дојди газдата и да ни кажи, ќе добиеме плата или не. Или да доаѓаме на работа или не, ако каже да не доаѓаме, уште една година ќе живееме некако“.

Од управата велат дека на околу 500 работници денеска или најдоцна утре ќе им се исплати февруарската плата.

„Имаше преговори со синдикалниот одбор и договорено е со менаџментот дека платата ќе биде исплатена денеска или најдоцна утре. Во основа, ова задоцнување произлезе од тоа што во овој период најголеми вложувања се во сеидбата. Ќе ја исплатиме платата за февруари, останува остатокот од платата за јануари“, изјави Павле Цветановски – финансов директор.

,,Пелагонија” беше земјоделски гигант и обезбедуваше храна за голем дел од Македонија и платите никогаш не доцнеа. Во 2011 година, комбинатот го купи Орце Канчев, а осум години подоцна компанијата се соочува со долгови.

РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни