Вработените во јавните претпријатија „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“, организирани од Независниот синдикат на државната администрација, денеска излегоа на протест поради неисплата на септемвриската плата.
Тие ја блокираа раскрсницата на булеварот „Илинден“ и побараа итна исплата на заостанатите плати, како и почитување на колективниот договор, кој предвидува исплата на додатоци на плата, регрес за годишен одмор и отпремнина при пензионирање.
Синдикатот на раководството му даде рок до 28 октомври, кога завршува периодот за мирно решавање на спорови. Ако до тогаш не се исполни нивното барање, ќе ја активираат одлуката за штрајк.
„Секојдневно бараме прием, но сè уште не сме повикани на разговор. Очигледно нема волја за дијалог, па сме принудени нашето право да го бараме на улица“, изјави Горан Ристевски, претседател на гранскиот синдикат.
Тој потсети дека веќе со години се крши колективниот договор и додаде дека добрата волја на синдикатот за соработка не дала резултат.
„Договорот не беше потпишан за да се одложи исполнувањето на обврските кон вработените, туку за тие да си ги остварат правата. За жал, претпријатието нема слух за трудот на своите вработени“, рече Ристевски.
Работниците од „Паркови и зеленило“ секојдневно се грижат за чистотата на парковите и зелените површини во градот, но, како што посочуваат од синдикатот, волјата за работа им опаѓа поради неисплатените плати.
„Тие го собираат сметот и го расчистуваат ѓубрето од зелените површини, но енергијата им се губи – немаат примено плата уште од септември“, додаде Ристевски.