На денешното второ рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“, одбраната на дел од обвинетите изнесе сериозни забелешки кон Обвинителството.
Адвокатката Сузана Јошевска се пожали пред судијката дека доказната документација е целосно несредена и хаотична. Според неа, документите се доставени во електронска форма, превртени и не можат да се ротираат. Тие не биле нумерирани ниту именувани; именувани биле само фолдерите, но тие исто така не биле средени. Како пример, адвокатката наведе случај каде документ со исказ на сведок се нашол во фолдер насловен како градежна документација.
Адвокатката на обвинетиот Михаил Јованов пак, предложи нови девет сведоци. Нејзината забелешка се однесуваше на доказната документација, но и на фактот што во првичното обвинение биле предложени 283 сведоци, а во пречистениот текст списокот бил сведен само на 25 лица.
Во продолжение на рочиштето се очекува обвинетите да се изјаснат за вината.