Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека денеска пред Собранието на Србија се случил терористички напад, бидејќи било употребено огнено оружје со цел предизвикување општа опасност, но со, како што нагласи, недвосмислен и јасен политички мотив. Тој истакна дека било само прашање на време кога ќе се случи вакво нешто, имајќи предвид дека, според него, безброј пати се повикувало на такви дејствија.
„Ова можеше да се случи во Ужице, во Ваљево, во Нови Сад, а најмногу, сосема очекувано, во Ќаќиленд, против кој беа изговорени толку многу зборови“, рече Вучиќ во вонредното обраќање од Палатата Србија.
Тој истакна дека токму таа една единствена точка пред Собранието на Србија, која, како што рече, е единствената точка на отпор кон насилството, претставувала најголем проблем.
„Таквата омраза и агресија беа насочени и против студентите кои сакаат да учат, и против сите луѓе кои ја зазедоа само една, единствена точка на ниво на цела Србија – за разлика од блокадерите кои секојдневно заземаат илјадници точки, кои ги окупираа сите факултети и училишта во еден момент, без да прашаат никого, каде сè уште владее терор, мешавина од неред што го оставија, терор со плакати, крвави раце и сè друго што веќе постои“, изјави Вучиќ.