Претседателот на Србија вечерва дојде во Нови Сад каде се одржуваат насилни демонстрации и рече дека државата ги презела сите мерки одговорните да бидат казнети и никој да не се извлече ако згрешиле.
На почетокот на своето обраќање, претседателот им се заблагодари на двајцата прекрасни луѓе кои ги чуваа просториите на СНС во Нови Сад, додека насилниците се обидуваа да ги урнат.
-Мојата порака до нив е дека полицијата вечерва е многу воздржана, надлежните државни органи вечерва се воздржани, не само поради нив, туку и поради почитта што ја покажуваме кон жртвите од страшната трагедија. Но, немојте, луѓе и граѓани на Србија, ни за момент да помислите дека насилството е дозволено. Сите кои учествувале во ова ќе бидат казнети, ќе одговараат и ќе бидат гонети од државата Србија. И никогаш повеќе не смее да се случи нешто што потсетува на нацистичките напади врз политичките неистомисленици од пред 90 години кај нас. Такво нешто нема да дозволиме. Ќе ја браниме српската држава, ќе ја браниме и зачуваме српската тробојка. И ќе победат пристојните граѓани на Србија – рече претседателот.
