Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека решението за Нафтената индустрија на Србија (НИС), за која САД поставуваат услов да не биде во мнозинско руско сопствеништво за да се укинат санкциите, мора да се најде во наредните седум дена.
На отворената седница на Владата на Србија, на која присуствуваше, Вучиќ рече дека последната опција за НИС ќе биде национализација, доколку не се најде друго решение. Тој додаде дека Русите разговараат со азиски и европски партнери за продажба на сопствеништвото во НИС, а Србија ќе се согласи со било кој договор.
„Санкциите врз НИС се спроведуваат 37 дена, а никој во Србија ништо не почувствува, бидејќи добро се подготвивме. Имаме значителни резерви на гориво и нема причина за паника, но не можеме сè да потрошиме, бидејќи тоа ќе доведе до нарушување на снабдувањето“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Владата треба да подготви ребаланс на буџетот за оваа година доколку биде потребен дополнителен финансиски ресурс за НИС и набавка на гориво. Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, го информираше Вучиќ дека парламентот по итна процедура ќе го усвои ребалансот доколку тоа биде потребно.
Министерката за рударство и енергетика на Србија, Ѓедовиќ Хандановиќ, денес изјави дека скоро е невозможно да се води ресорот за енергетика додека НИС е под санкции, и дека е подготвена да поднесе оставка. Таа додаде дека Србија 37 дена не добила ниту капка нафта од Јадранскиот нафтовод (JANAF).
„Не гледам начин како да ја надминеме оваа ситуација. Без рафинеријата во Панчево, нема живот – таа е витална за граѓаните, економијата, здравството, училиштата, бидејќи без гориво ни пекарите не можат да произведуваат леб секој ден“, рече министерката на јавната седница на Владата, на која присуствуваше и претседателот Вучиќ, како и сите директори на јавните претпријатија.
Таа потсети дека НИС е под санкции од 9 октомври и дека повеќе пати добивал продолжување на лиценцата за работа.
„Вчера добивме јасна порака од САД дека мора да дојде до трајна промена на сопствеништвото, односно излегување на руските акционери од НИС, и дека имаме три месеци да ја завршиме трансакцијата“, рече Ѓедовиќ Хандановиќ.
Министерката додаде дека пред трансакцијата да се потпише, Владата на САД треба да ја одобри.
„Ние 37 дена не добивме капка нафта од Јадранскиот нафтовод. Граѓаните тоа не го почувствуваа благодарение на добро подготвената држава. Нашите резерви се сочувани и посветено зголемувани, особено во последните три години, кога ги зголемивме за околу 60 проценти, и тоа само обврзувачки резерви“, рече министерката.
Таа нагласи дека државата се подготвувала за непредвидливи ситуации и дека резервите треба да се чуваат.
„Србија долго беше трпелива и лојална кон руската страна и повеќепати се разговараше за ситуацијата во која се најде НИС. Време веќе немаме. Можеме да почекаме уште три-четири дена, но не повеќе, бидејќи нема да има прилив на сурова нафта, а тоа значи прекин на работењето на рафинеријата“, рече министерката.
Таа додаде дека и НИС има свои резерви, но тие се доволни само за десетина дена.
„Мора да бидеме единствени и одлучни, пред сè за да ги заштитиме интересите на државата и граѓаните. Се надеваме дека нашите партнери ќе имаат разбирање за нашата ситуација. Мора да преземаме мерки и да донесуваме тешки одлуки, бидејќи треба да сме свесни за сериозната ситуација во која се наоѓаме“, заклучи Ѓедовиќ Хандановиќ, повикувајќи ја Владата да заседава на дневен ниво за што побрзо да се најде решение.