За 1,4 милиони евра – на аукција седиштето на поранешна Експорт Импорт Банка во центарот на Скопје

Поранешниот деловен простор на Експорт Импорт Банка АД Скопје во стечај, лоциран на атрактивна локација на улицата „Даме Груев“ во строгиот центар на Скопје, излегува на продажба по пат на електронска аукција. Вкупната проценета вредност на недвижниот имот, заедно со канцелариска и компјутерска опрема, изнесува 88 милиони денари, или околу 1,43 милиони евра.

Предмет на продажбата е деловен простор на петтиот кат со вкупна внатрешна површина од 523 квадратни метри (поделен на два дела од 71 м2 и 452 м2), како и подвижен имот проценет на над 1,1 милион денари.

Според огласот објавен од стечајниот управник Душко Тодевски, ова е втора продажба на имотот и ќе се одржи со јавно наддавање без утврдена почетна цена. Електронската аукција е закажана за 6 октомври 2025 година, со почеток во 10:00 часот.

Право на учество имаат сите заинтересирани правни и физички лица кои ќе уплатат депозит од 10% од проценетата вредност (околу 143.000 евра) најдоцна до 2 октомври 2025 година. Минималниот износ за секое наддавање е поставен на 2.500.000 денари (околу 40.600 евра).

Имотот се продава по принципот „видено-купено“, а конечната одлука за прифаќање на највисоката понуда ја носи Собранието на доверители. Најповолниот понудувач е должен да ја уплати целосната сума во рок од 15 дена, а сите даноци и трошоци поврзани со купопродажбата паѓаат на товар на купувачот.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.