За 400 илјади евра за шест години струшката фирма „Еко-свет“ ја доби концесијата за стопански риболов на Охридското Езеро.

Дополнително ќе бидат утврдени условите за порибување на езерото. Државата ја одзеде концесијата на претходниот концесионер, „Летница-Белвица“ затоа што не водел точна евиденција за уловената риба.

Екологистите пак предупредија дека на концесионерите секогаш приоритет им е профитот, наместо грижата за езерото.

И научниците од двете страни на Охридското Езеро, и од Македонија и од Албанија, се согласни дека езерото не треба да се издава под концесија најмалку 10 години.

„Ние се залагаме за интегрирано управување на езерото каде што двете држави со своите технички експерти ќе седнат ќе направат проценка на рибниот фонд, ама реална проценка која што не е направена одамна. За жал последниве две децении ние имаме само инцидентни сознанија, а не преманентни“, вели Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод во Охрид.