За долг од 200 денари, граѓанин треба да плати 500 евра на извршител

Минимално доцнење со плаќањето на тековните сметки може да ги чини граѓаните цело богатство. Претседателката на Комората на извршители, Весна Деловска, во гостување на ТВ21 обелодени фрапантен пример во кој за вкупен остаток од долг од само 200 денари, крајните трошоци за наплата достигнуваат околу 500 евра.

Пет одделни постапки за ситни долгови

Апсурдната ситуација настанала бидејќи граѓанинот редовно ги подмирувал своите обврски, но со задоцнување од десетина дена. Наместо долгот да се спои, за секоја сметка била покрената посебна постапка.

„Човекот сите сметки си ги плаќал со задоцнуваање од некои 10-15 дена, и сега ангажиран е адвокат за секоја сметка поединечно, главниот долг е 37 денари, и покренати се 5 нотарски постапки“, појасни Деловска за телевизијата.

Се вчитува...

Ваквата правна процедура астрономски ги зголемила трошоците за граѓанинот:

  • Поради разделените постапки, има плаќање за адвокат за дури пет предмети.
  • Кај извршителот требало да се заведат пет посебни предмети наместо еден.
  • Финансискиот товар за секој предмет поединечно изнесува по 100 евра.

„За секој предмет ќе требаше да плати по 100 евра, значи околу 500 евра, а вкупно беа неплатени некои 200 денари“, посочи претседателката на Комората.

„Извршителите се висок стручен кадар“

И покрај ваквите ситуации кои предизвикуваат огромни финансиски шокови и револт кај граѓаните, Деловска порача дека јавноста мора да го разбере начинот на кој функционираат извршителите. Таа додаде дека граѓаните треба да знаат оти системот во кој тие работат е составен од висок стручен кадар, кој постапува исклучиво врз основа на добиените предмети и законските прописи.