Македонија

За шест месеци во Скопје собрани над 82.000 тони комунален отпад

За шест месеци во Скопје собрани над 82.000 тони комунален отпад

Повеќе од 82 илјади тони комунален отпад се собрани и транспортирани од скопските домаќинства и компании во текот на првите шест месеци од годинава, додека екипите на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ паралелно спроведувале акции за расчистување на диви депонии, одржување на јавната хигиена и едукација на најмладите.

Од претпријатието информираат дека во периодот јануари – јули 2026 година се подигнати и транспортирани вкупно 82.296 тони мешан комунален отпад. Истовремено, отстранети се 14.535 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на сите скопски општини, при што најголемо количество – 2.385 кубни метри – е расчистено во Општина Центар.

Во рамки на редовните активности, претпријатието продолжува со машинско миење на булеварите и улиците во вечерните часови со автоцистерни, како и со секојдневно миење и метење на плоштадите, пешачките мостови, тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, како и на просторот во Старата скопска чаршија.

Во изминатите шест месеци, Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ изготвила 274 записници против физички лица и претставници на компании затекнати при неправилно одлагање отпад. Најголем број прекршочни записници се издадени во Општина Чаир – 148, потоа во Гази Баба – 35, Аеродром – 30, Карпош – 21, Центар – 18, Ѓорче Петров – 16, Кисела Вода – 5 и Бутел – 1.

Покрај теренските активности, претпријатието реализирало и едукативни предавања и работилници во основните училишта и предучилишните установи во Скопје. Преку овие програми, 747 деца се запознале со правилното постапување со отпадот и важноста на неговата примарна селекција за зачувување на животната средина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни