Македонија

За злоупотреба и коруптивни дејствија – антикорупциска отвори предмет за петтмина судии

Петтемина судии посочени во извештајот на Американскиот Стејт департмент се на проверка пред антикорупционерите. Комисијата за спречување на корупцијата отвори предмети со кои ќе се испитува имотната состојба и злоупотреба на функцијата на претседателот на Врховениот суд Јово Вангеловски, поранешниот претседател на Кривичен суд  Владимир Панчевски, поранешната членка на Судскиот совет Александра Зафировска, како и судијките  од Кривичен Софија Лаличиќ и од Вишиот управен суд Светлана Костова. За нив Стејт департментот во извештајот за 2018 година наведе дека се директни учесници во мешањето на политиката во судството и  дека со своите постапувања имаат коруптивни активности.

„Имињата чија што имотна состојба решивме да ја провериме долго време се споменуваат на ваков или онаков начин, како дел што е критикувано, како нешто што во минатото има оставено последици на сегашната состојба во правосудниот систем“, изјави Софка Пејовска Дојчиновска – член на ДКСК.

Антикорупциска ќе ја проверува и имотната состојба на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски, екс заменик министерот за надворешни работи Илија Исајловски и екс генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски. Исто така ќе се отворат и случаи за вработувањата на Јордан Тасевски и Марија Димитровска роднини  на судијата Владимир Панчевски и Маја Ристовска сопруга на поранешниот министер за образование Спиро Ристовски која била вработена во МАПАС. Информациите во јавноста дека за еден денар по хектар, планери ќе прават ревизија и изработка на деталните урбанистички планови за Центар, беше доволна причина Антикорупциска да отвори предмет и за овој случај. Ќе се отвори предмет и за барањето на Општина Центар да се разгледа одлуката на уставните судии со укинувањето на мораториумот.

„Во општина Центар забавена е постапката на донесување на деталните урбанитички планови поради тоа што планерите кои што се надлежни за таа работа ја успоруваат. Тие што учествуваат во изработка на плановите всушност се ангажирани да изработат за еден хектар за еден денар што станува многу сомнително и предизвикува сомнежи“, изјави Билјана Ивановска – претседател на ДКСК.

„Уставниот суд за едни предмети постапува брзо носи времени мерки со кои се нанесуваат тешки последици  а за други предмети не постапува долго време и не носи времени мерки со што се предизвикуваат исто така тешки последици . Се работи за дозволата за градба на паркингот спроти Холидеј ин сметам дека треба да отвориме предмет по оваа претставка“, изјави Катица Николовска – член на ДКСК.

Антикорупциска отвори постапки за судир на интереси за лица кои се на раководни позиции и воедно членуваат во неколку управни или надзорни одбори. Тие имаат рок од 15 дена да се откажат од некоја од позициите.

РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни