Заеднички тактичко-показни вежби меѓу специјалните полициски единици на Северна Македонија, Косово и Албанија. Претставниците на Министерствата за внатрешни работи на трите земји велат дека оваа вежба е многу важна за стабилност во регионот и безбедноста на граѓаните, за борбата против криминалот, шверц на дрога и трговија со луѓе. Спасовски вели дека разменување на искуствата, вештините и знаењата ќе го олесни справувањето со поголеми опасности од областа на безбедноста.
„Ние како три држави постигнавме една цел, да можеме да работиме заедно и да им гарантираме безбедност на граѓаните. Самите вежби денеска покажаа дека полицијата и нашите специјални единици се подготвени да понудат безбедност и да придонесат за безбедноста на нашите држави и целиот регион. Овие вежби треба да им дадат пример на другите држави од регионот дека ваквата соработка може да донесе само безбедност“, изјави Екрем Мустафа – министер за внатрешни работи на Косово.
Заменик-министерот за внатрешни работи на Албанија, Ровена Вода, рече дека ваквата соработка треба да продолжи и во иднина со цел Албанија, Косово и Северна Македонија да бидат побезбедни.
„Јас мислам дека вашата земја постигна да нѐ обедини и ова е навистина големо и важно нешто. Ние денеска со дела докажавме дека успеавме да соработуваме многу добро и мислам дека интеграциониот процес на нашите земји веќе никој не може да го попречи. Мислам дека денешната активност ќе се претвори во традиција, а зошто да не следната ваква вежба да се одржи во Тирана“, изјави Ровена Вода – заменик министер за внатрешни работни на Албанија.
Заедничката тактичко-показна вежба наречена „Вестерн Балкан флеш 2019“ се спроведе во касарната Ѓорче Петров. Денешните активности беа фокусирани на тактичко гаѓање на полигон, апсење на опасни лица во возило и напад на објект. Екипите беа составени од припадници на трите специјални полициски сили.
РЕПОРТЕРКА: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ