Продолжуваат напорите на Владата да обезбеди 80 пратенички гласови околу предлог-законот за јавно обвинителство, со кој треба да се одреди иднината на СЈО. Вечерва во 18 часот во Министерството за правда ќе се сретнат работните групи на Владата и опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да дискутираат околу предлозите во вид на амандмани кои завчера ги достави партијата на Мицкоски.
Течат разговори и со албанските опозициски партии. Премиерот Зоран Заев заедно со министерката за правда, Рената Дескоска, утрово се сретнаа со претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами и со првиот човек на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Двајцата опозиционери со исти ставови околу иднината на СЈО.
-Мислам дека ќе имаме повеќе правда доколку ги унапредиме надлежностите. Доколку освен СЈО се формира и специјален суд кој ќе се занимава со процесирање на жалбите кои ќе се следат како резултат на жалбите од СЈО. И во врска со идејата, ние верува,е и инсистираме на тоа, сите прислушувани материјали да бидат материјален доказ за судските процеси во иднина, не треба да има ограничувања-изјави Села.
-На Премиерот му е доставен нашиот став дека Движење Беса бара СЈО да продолжи со својот полн капацитет. Ние сакаме да му се продолжи мандатот до затворање на сите предмети од кои произлегоа од прислушувањата. Значи, и бомбите да се употребат како и до сега, и како доказ и како индиција за отворање на предмети и да се употребат за одлуки кои се добри за судскиот процес и сите граѓани-рече Касами.
Дескоска вели дека во актуелниот предлог-закон пишува дека СЈО ќе биде посебно обвинителство, како што бара албанската опозиција, а што се однесува до користењето на прислушуваниот материјал како доказ, вели дека за оваа тема ќе разговараат на следната средба. Се очекува премиерот и министерката за правда да се сретнат и со независната група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои од партијата беа исклучени откако гласаа „за“ уставните измени, во замена на амнестирање на неколку пратеници вклучени во настаните од 27 април во Собранието.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ