Заев и Села се договорија, Алијансата за Албанците ќе ги поддржи уставните измени

За помалку од еден час, премиерот Зоран Заев и претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, постигнаа договор за поддршка на уставните измени. По средбата, Заев изјави дека прифатил во Преамбулата да се избрише реченицата „граѓаните коишто живеат во границите“ и наместо неа да се набројат сите етнички заедници. Премиерот извести дека е прифатен и амандманот 36, кој се однесува на дијаспората, односно еднакво водење грижа на државата кон сите граѓани коишто живеат во дијаспората.

Претседател на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, информираше дека со премиерот Заев е постигнат договор за Преамбулата, од која ќе бидат избришани неколку зборчиња, со цел да не се создаде чувство дека тука е некој привремено.

Се вчитува...

-Постигнавме договор и консензус околу многу важно прашање, поради што ние како Алијанса за Албанците сме горди на нашиот придонес. Успеавме макар во првата реченица од Уставот, Преамбулата да се дефинираат работите и да нема две категории на граѓани. Со други зборови со нашиот придонес и дебатите кои ги имавме за Преамбулата постигнавме да се отстрани делот „живеат“ и да се тргне делот „граѓани во државата“ – рече Села.

Премиерот рече дека го отфрлил барањето на Движењето Беса – албанскиот јазик да биде втор службен јазик во Македонија. Досега Владата ги прифати амандманите на 8-те пратеници од независната група на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така го прифати амандманот на Алијанса за Албанците за вклучување на Косово во Уставот, како и еден амандман со кој се дефинира дека македонското државјанство, односно „граѓанин на Северна Македонија“, не ја одредува етничката припадност на граѓаните. Уставните амандмани ќе се сметаат за усвоени доколку за нив гласаат 80 пратеници, додека за амандманите за Преамбулата на Уставот освен 2/3 мнозинство, потребно е и мнозинство со Бадентер.

Репортер: Зимер Јашари

Извор: ТВ21