Само неколку дена откако Антикорупциската комисија ги објави случаите кои ќе бидат отворени за вработувањата на децата и роднините на актуелни функционери во државниот сектор, премиерот Зоран Заев најави дека веќе дел од нив му потврдиле оти нивните блиски ќе се откажат од работните места. Не сакаше да каже кој конкретно го ветил тоа, истакна само дека ќе остави тие сами да соопштат. Заев, сепак не рече дали ќе побара и одговорност од сите оние кои ја злоупотребиле функцијата и ги вработиле своите деца и роднини.
„Правиме детална анализа , се работи за личен однос и лична одговорност на одредени поединци. Начинот на конкурирањето, фер и транспарентна и правична постапка во делот на вработувањето е дел од анализата кој што со извештаите ги очекувам оваа недела. Јас ќе ги соопштам јавно сите овие информации“, изјави премиер Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со нов случај на непотизам. Обвинуваат дека Милева Ѓорѓиева пратеничка на СДСМ од Радовиш ги вработила синот во МВР како инспектор за јавна безбедност, снаата во Општина Радовиш, но и нејзиниот брат.
„Дали е точно дека исто така Петре Партиков, брат на Милева Ѓорѓиева е вработен како педагог во основното училиште „Атанас Нивичански“ со несоодветно образование“, изјави Димче Арсовски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Во петокот претседателката на Антикорупциска Билјана Ивановска рече дека се отвораат 18 случаи со вработувања на роднини на функционери. Меѓу нив за синот сопругот и братот на пратеничката Мира Стојчевска, ќерката на Талат Џафери, сопругата на градоначалникот на Неготино Тони Делков, сестрата на министерот за култура Асаф Адеми, синот на пратеникот Горан Мисовски, мајката на портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши и други. Од ДУИ засега нема никаква реакција дали тие ќе побараат повлекување на вработените роднини но и одговорност на функционерите.
РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА