Премиерот Зоран Заев и претседател на владејачката СДСМ вчера по поразот на локалните избори на завршната прес-конференција по затворањето на гласачките места изјави дека поднесува оставка од двете функции.
– Ја преземам одговорноста за лошите резултати од овие избори, истакна вчера Заев, честитајќи им на политичките опоненти на изборната победа.
Тој им честиташе на сите избрани градоначалници на кои им посака чесно и одговорно да му служат на народот.
Заев вчера на прес-конференцијата во седиштето на партијата не најави што понатаму, кој би го презел кормилото во партијата, ниту пак кој би ја презел челната позиција во Владата.
Тој е претседател на СДСМ од 2013 година. Партијата има и заменик-претседател, Сања Лукаревска и четворица потпретседатели Мила Царовска, Венко Филипче, Фатмир Битиќи и Оливер Спасовски.
Заев вчера сепак нагласи дека останува на ставот дека не треба да има предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што рече, престојат две и пол одлични и неповторливи години за државата од кои корист ќе има целиот народ и држава.
– Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам, да се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено, рече Заев.
На премиерската функција е од 31 мај 2017 година, а втор премиерски мандат освои на изборите на 15 јули минатата година.