Македонија

Заев: Поднесовме кривични пријави за сите „бомби“

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во денешното интервју за МИА проговори за актуелните „бомби“ кои се пласираа деновиве во јавноста.

„Ние веќе поднесовме кривични пријави за бомбите заради тоа што е тоа казниво по закон“, посочи Заев.

Тој додава дека од 1 јуни 2017 година, па навака нема никакво прислушување.

„Апсолутно никој од јавните институции немаат допир до тоа, дури ОТА како агенција која што ги прави конекциите нема право на увид на материјал или што било. Толку е разграничено со европските директиви, тоа го работевме во реформите на безбедноста  заедно со европската делегација, ЕК, со многу експерти дојдени, плус од НАТО и јасно е разграничено, не постои никакво прислушување во државата, освен со судска пресуда за истрагите против кршењето на законите во Македонија“, објасни лидерот на СДСМ.

Заев вели дека поднеле кривични пријави за незаконски прислушување, за незаконско снимање кое што се случувало и бараат тоа да се истера до крај.

„Не заради тоа што се плашиме од тие разговори, а тоа е пример како треба да се однесуваат и сите други коишто се цел на вакво незаконско прислушување. Законот вели дека е кривично дело незаконското прислушување дури и кога седиме на состанок и некој снима не мора телефонски да разговараме, снимањето е недозволиво, секако освен ако е објавено јавно за потребите на стенограми или било што од одредени состаноци.За тоа треба да постои одговорност. Но нека им е на чест на нашите опоненти тоа што го прават со цел. СДСМ кога објавуваше прислушувани разговори тоа го направи транспарентно. Излеговме на говорница, штитејќи ја комплетно приватноста на луѓето, секаде каде што постоеја индиции за криминал или неетичко однесување со тенденција за криминал, тоа јавно го објавивме, го составивме и срочивме во кривични пријави и го доставивме до тогашното ЈО коешто помина понатаму во СЈО. Така да, кукавички е да се пуштаат разговори на начин на којшто се крши законот денеска тоа е типично само за опозицијата. СДСМ секојпат тоа го правел согласно закон како што е дозволено, објавувајќи со кривични пријави во времето кога дури и кога не беа забранети јавните објавувања на разговорите“, вели Заев.

На забелешката дека има бомби и за опозицијата Заев додава дека пријавени се сите досега.

„Пријавите ги поднесовме за сите што објавуваат без разлика дали таргет е опозицијата, дали таргет е Заев, владејчката партија или опозиционата партија или кој било граѓанин. Прво сакаме да престане ова заради тоа што еден дел од граѓаните стрепат за приватноста и треба да знаат дека секој има право да тужи макар другар со другар да се снимаат па да објави. Тоа е незаконски, недозволиво и треба да го знаат. Втората работа политиката нели рековме да биде пример за сите и тоа е недозволиво, затоа тоа јавно го направивме односно транспарентно да знаат сите дека има работи во државата коишто се забранети и затоа процесуиравме пријави. Но секако само да дополнам овде, грозотијата која што ја слушаме во целото тоа, насилството на луѓе кои тоа што го правеле зборувајќи директно со своите гласови, носители на листи навистина е за голема казна од страна на граѓаните“, порача Зоран Заев.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни