Загадениот воздух во Македонија предизвикува сè поголем број луѓе да имаат алергиски реакции, особено во есенските и зимските месеци, јавува Телевизија 24. Штетните честички кои ги дишеме ја зголемуваат појавата на алергии и влијаат на здравјето на граѓаните.
Д-р Драган Ѓорѓиевски, специјалист по семејна медицина, вели дека во последните три до четири години се забележува драстично зголемување на бројот на пациенти со алергиски симптоми.
„Нормално е во пролет, но не е логично и нормално во текот на есента и на зимскиот период. Зголемен е бројот за 10-15%, па можеби и за 20%. Од година во година тој број константно се зголемува. Обично тука имаме чешање на носот, гребење на грлото кое е поспецифично во однос на класичната настинка, сето тоа се симптоми кои укажуваат на алергиска реакција“, објаснува д-р Ѓорѓиевски за Телевизија 24.
Лекарите предупредуваат дека никој не е имун на загадениот воздух, но најмногу страдаат хронично болните и децата.
„Највеќе децата страдаат од респираторни инфекции, бидејќи кога ги вдишувате ПМ10 честичките, тие предизвикуваат нарушување на респираторниот епител, што го прави организмот поподложен на бактерии и вируси од различно потекло“, додава д-р Ѓорѓиевски.
Покрај алергиите, болниците периодов се полнат и со пациенти со респираторни инфекции, вируси, ковид и грип. Воздухот синоќа беше високо загаден не само во Скопје, туку и во Велес, Кичево, Струмица и Гевгелија.
Според податоците на Европската агенција за животна средина, Македонија, заедно со Босна и Албанија, е меѓу земјите најпогодени од загадувањето на воздухот, кое директно влијае на здравјето и животниот век на населението. Извештајот особено ги истакнува децата како ранлива категорија која е најзагрозена.