„Загадениот воздух“ влезе во Собрание, Макрадули: Ви гарантираме дека ќе имаме чист воздух

Во законодавниот дом денеска се дебатираше за загадениот воздух. Сепак, ниту оваа тема не успеа, а да не предизвика обвинувања меѓу власта и опозицијата – кој направил повеќе, а кој помалку за време на своето владеење. Прв започна Влатко Ѓорчев, кој Владата ја нарече неспособна за решавање на проблемот, а градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов го потсети на предизборните ветувања кои ги дал за почист воздух.

И додека пратеникот Ѓорчев зборуваше за загадените градови, првиот човек на Град Скопје, играше игри на својот мобилен. Не издржа многу и ја напушти јавната дебата токму во моментот кога Ѓорчев ја критикуваше работата на Владата во областа на животната средина. Се врати неколку минути откако зборот му беше даден на заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули. Макрадули, рече дека во последните три години, загадувањето било намалено, но воздухот сепак е загаден, па затоа, побара да не се крева паника непотребно за политички поени, туку да се зборува со аргументи. Го пофали планот за чист воздух, со кој, како што вели, воздухот ќе стане почист.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, го обвини пратеникот Влатко Ѓорчев за злонамерни и неосновани забелешки. Вели дека, Градот Скопје го нашол без стратегија и занемарен, со тројца инспектори за животна средина, чиј број, како што тврди, сега е 17.

Шилегов, исто така рече дека Град Скопје изготвува Закон за комунална полиција, со кој е предвидено да има околу 150-200 комунални полицајци, под чија надлежност ќе биде непрописното паркирање, па дури и фрлањето отпад. За проблемите со загадувањето, зборуваа и еколозите од разни градови. Поголемиот дел од соговорниците го рекоа речиси истото:  да престанат политичките препукувања и да се изнајде решение за почиста животна средина.

Репортер: Бесир Арифи

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното