„Заглави“ законот што треба да ги штити хероите против корупцијата: Платформата бара итно носење на Законот за укажувачи

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата вклучи аларм поради неоправданото доцнење на носењето на новиот Закон за заштита на укажувачи. Иако текстот е подготвен уште пред две години, тој сè уште не е ставен во процедура, оставајќи ги граѓаните кои пријавуваат криминал изложени на ризик од одмазда.

Граѓанските организации изразуваат „сериозна загриженост“ за бавноста на процесот. Тие потсетуваат дека активно учествувале во работната група на Министерството за правдa, каде преку 15 состаноци и две јавни дебати уште во декември 2023 година бил дефиниран предлогот, но оттогаш работите стојат во место.

ЕУ предупредува: Укажувачите се соочуваат со откази и малтретирање

Потребата од итно носење на законот е нотирана и во најновиот Извештај за напредокот на Европската комисија. Брисел предупредува дека:

  • Македонското законодавство мора дополнително да се усогласи со европското (EU acquis).
  • Недостасуваат соодветни механизми за спроведување на заштитата.
  • Индивидуите кои пријавуваат неправилности често се соочуваат со вознемирување, отказ или други штетни последици, што ја убива ефективноста на борбата против корупцијата.

Владата го вети за мај, а годината изминува

Платформата потсетува на пробиените рокови во самата Програма за работа на Владата за 2025 година.

„Во делот ’Акти и материјали по кои одлучува Собранието‘, Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи беше предложен за носење во месец мај. Годината веќе изминува, а законот го нема“, реагираат од Платформата.

Организациите бараат итно донесување на ова законско решение како тест за искреноста на политичарите. „Сметаме дека со носењето на вакво решение, со кое се подобрува статусот на укажувачите како вредна алатка, ќе се пристапи кон подобрување на уште еден механизам во борбата против корупцијата, за што носителите на јавни функции декларативно искажуваат недвосмислена заложба“, се заклучува во реакцијата.