Зајакнување на сајбер безбедноста, напредна симулациска вежба за министерствата

Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија и проектот „Регионална сајбер безбедност во Западен Балкан“, организираше напредна симулациска вежба базирана на сценарио за сајбер напад. Овој настан има за цел да ја зголеми свеста за сајбер заканите и да го зајакне капацитетот на Владата за управување со сајбер кризи.

На Работилницата се обратија Претседателот на Владата, д-р Христијан Мицкоски, Амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Н.Е. Метју Лосон и Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Во својот воведен говор, министерот за дигитална трансформација ја истакна критичната важност на сајбер безбедноста во денешната дигитална ера: „Нашиот свет постојано се менува. Пред 15 години симулациите за воени напади ќе претпоставуваа исклучиво напади преку копно или воздух – авиони, нуклеарни напади, војска или тенкови. Денес, тоа е во сајбер просторот, но со потенцијални реални и штетни последици. Пред 15 години, електронските системи страдаа од лоша употреба, незнаење или системски недостатоци. Денес се цел на стратешки хибридни воени напади од државни и недржавни ентитети.“

Оваа симулациска вежба ја тестира нашата подготвеност, но и ја одразува нашата детерминираност да ја зголемиме нашата отпорност и да ги зајакнеме темелите на националната и регионалната сајбер-безбедност, преку соработка, помош и поддршка“, дополни Андоновски.

Поддржана од Владата на Обединетото Кралство и Британската амбасада во Скопје, симулациската вежба послужи како чекор во имплементацијата на приспособени решенија, механизми и стандарди за сајбер-безбедност за државните институции. Овие напори се дел од пошироката регионална иницијатива за подобрување на отпорноста и безбедноста на Западен Балкан.

За време на настанот, учесниците ќе се вклучат во дискусии и практични вежби наменети да го подобрат сфаќањето за хибридните и сајбер заканите. Симулацијата, исто така, ќе ја тестира подготвеноста на институциите за управување со сајбер инциденти.

Настанот означува еден од клучните чекори во напорите на земјата да ги зајакне своите капацитети за сајбер одбрана и ја поставува основата за посигурна и поотпорна дигитална иднина.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното