Новиот Закон за амнестија на учесниците во настаните од 27 април предвидува помилување само за оние кои не извршиле насилство, не ги осмислиле или организирале насилните напади. Но, сепак според зборовите на премиерот Зоран Заев и насилниците ќе добијат некакво олеснување.
Премиерот очекува, нацрт – законот за селективна амнестија, да биде изготвен овој викенд или пак на почетокот на следната недела. Но, дали е можно со закон да се преквалификуваат кривичните дела? Обвинителката Вилма Русковска, вели не сака да коментира ништо сѐ додека не го види предлог – законот.
Пратеничката Нола Исмаиловска, која е дел од Телото за помирување, запрашана дали очекува в понеделник законот да се најде на дневен ред, одговори дека претходно очекува да завршат средбите на интерпарламентарната група.
Според информациите на ТВ21, од околу 70 вмешани во насилните настани, најмалку 17 нема да бидат помилувани, меѓу кои и екс-директорот на БЈБ, Митко Чавков и екс-шефот на УБК, Владимир Атанасовски, кого сведоците на рочиштата за „крвавиот четврток“ го посочија како организатор на упадот и случувањата на 27 во законодавниот дом. Според обвинението, за настаните од 27 април терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста обвинети се 27 лица.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ
