Македонија

Законите закочени, минималната плата „жртва“ на кавгите на власта и опозицијата

Како што се наближуваат изборите, тензиите меѓу власта и опозицијата се повеќе растат. Се почесто јавноста е сведок на жестоки расправии кои на момент прераснуваат дури и во меѓусебни кавги. Најостро беше кога минатата недела лице в лице на високи тонови се караа а разменија и навредливи зборови пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев и на СДСМ Александар Кирацовски.

Тогаш се прекина собраниската комисија на која требаше да помине Законот за администрација. Вчера три пати беше прекинувана седницата на Комисијата за труд и социјала и доцна попладнето иако се исцрпе расправата, законот не беше ставен на гласање. Претходно Ѓорчев ја напушти седницата, иако е претседател на Комисијата.

Пратениците на власта уште вчера реагираа дека намерно се прават опструкции од опозицијата, а со обвинувања излегоа и денеска.

„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои членуваат во Комисијата за труд и социјална политика вчера одбија да дискутираат за измени на законот кои предвидува зголемување на опфатот на стечајци кои ќе бидат обештетени од државата.Истовремено, по завршување на дискусијата за Законот за минимална плата, одбија да го стават предлогот на гласање, за тој да продолжи во понатамошна расправа“, вели Лазаревска, пратеник на СДСМ.

Претседателот на Комисијата за труд и социјална политика Влатко Ѓорчев ја префрла топката и вели дека власта е таа која ја кочи државата и дека министрите не доаѓале на комисиска расправа. Тој денеска повторно ја закажа седницата, но запрашан дали веднаш ќе се гласа за измените на законот откако вчера се исцрпе расправата вели дека уште има пријавено за дискусија.

„Ние сме подготвени за работа, ние и минатата недела бевме подготвени да го поминеме сите овие закони, но имавме ситуација во која што и министерката за труд и социјална политика и заменик министерот не дојдоа во Собранието. Ако го видите списокот има голем број на пратеници кои што се пријавени за дискусија, сакаме да дискутираме, има поголем број на пратеници кои едноставно сакаат да дискутираат за овие работи“, изјави Ѓорчев.

Покрај законот за минимална плата со кој се предлага зголемување на 14 илјади и 500 денари, како и законот за материјално обезбедување на стечајните работници, прекината беше и седницата за расправа за законот за административни службеници за кој ВМРО-ДПМНЕ покрај поднесените 680 амандмани најави дека ќе поднесе уште 300 други.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни