Балкан

Западните амбасадори во Белград се загрижени за стабилноста во регионот

Западните амбасадори во Белград се загрижени за стабилноста во регионот

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ги прими амбасадорите на САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, како и шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија. Амбасадорите му врачија на Вучиќ заеднички документ во кој изразуваат „загриженост поради можното нарушување на стабилноста во регионот“, јави српската национална ТВ РТС, повикувајќи се на изјава од канцеларијата за соработка на медиумите на претседателот.

Според соопштението, амбасадорите на Вучиќ му врачиле заеднички документ во кој се изразува нивната загриженост поради можното нарушување на стабилноста во регионот пред да истече рокот за пререгистрација на возилата со српски регистарски таблички на Косово.

Српскиот претседател рече дека ја споделува загриженоста за можните тензии, додавајќи дека Србија е посветена на дијалогот како начин за решавање на отворените прашања во корист на Србите и Албанците кои живеат на Косово без да се загрозат нејзините државни и национални интереси.

Тој посочи дека сегашната тензија настанала поради едностраните потези на Приштина, како и поради фактот што Приштина не ги почитува одредбите од Договорот за слобода на движење, постигнат со посредство на ЕУ.

Амбасадорите и шефот на Делегацијата на ЕУ му се заблагодарија на претседателот Вучиќ за конструктивната посветеност на Србија во спроведувањето на Патоказот за имплементација на енергетскиот договор како дел од дијалогот со Приштина.

Средбата беше посветена и на настаните во регионот, како и на настаните на светската сцена.

По средбата, Вучиќ на Инстаграм напиша дека имал сериозни и суштински важни разговори со амбасадорите на Квинтетот и ЕУ.

И покрај сите предизвици, ние продолжуваме да водиме одговорна политика која ги зачувува мирот и националните интереси на нашата земја, го брани духот на слободата и независноста на Србија и секогаш ја кажува вистината на сите“, напиша Вучиќ на Инстаграм профилот „Иднина на Србија““.

На средбата присуствуваше и директорот на Канцеларијата за Косово во српската влада, Петар Петковиќ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни