Шпанската влада објави дека запленила уште една јахта во градот Тарагона, за која се наведува дека припаѓа на еден од руските олигарси, во рамки на санкциите што Европската унија ги воведе кон Русија.
Шпанското Министерство за транспорт соопшти дека со денешниот инцидент во Тарагона, бројот на запленети јахти на руски олигарси во Шпанија во последните 3 дена е зголемен на 3.
Во соопштението дадено од министерството, беше објавено дека јахтата долга 135 метри и широка 21 метар наречена „Кресцент“, со знамето на Кајманските Острови, пристигнала во Тарагона на 2 ноември 2021 година и се уште била во пристаништето, иако најави дека ќе замине на 4 март.
Шпанските медиуми пишуваа дека „Кресцент“ е една од најскапите јахти во светот.
Други запленети јахти
Владата ги заплени јахтите со име „Валери“ во пристаништето во Барселона на 14 март и „Лејди Анастасија“ во Мајорка на 15 март. Во дадената информација беше објавено дека станува збор за јахти на руските олигарси Сергеј Чемезов и Александар Михејев.
Од друга страна, шпанските медиуми пишуваа дека вчера вечерта во градот Мелила бил запленет чамец за кој се верува дека е поврзан со руските олигарси, но на сопственикот се гледа како на компанија и истрагата продолжува.
Шпанскиот премиер Педро Санчез во изјава на 14 март рече дека „санкциите против режимот на Путин и олигарсите се ефективни и ќе продолжат“, додавајќи: „Ние силно и решително стоиме против Путин, неговиот режим и олигарсите, кои се збогатуваат со угнетување на рускиот народ во овој корупциски систем. Мораме да дејствуваме“, рече тој.
