Шест лица се затекнати како продаваат тутун без акцизни маркички на зелениот пазар и градскиот плоштад во Прилеп. При контролата, царинските службеници заплениле вкупно 168,7 килограми режан тутун, со што бил избегнат акцизен долг од 463.787 денари.
Од Царинската управа информираат дека акцијата ја спровеле службеници од Царинарницата Битола, заедно со мобилни тимови од Одделението за оперативни работи. За реализација на контролата била побарана и асистенција од полициски службеници.
Според институцијата, шесте лица биле затекнати при продажба на тутун без задолжителни акцизни маркички, поради што против нив се поведени соодветни постапки пред надлежниот суд и Комисијата за прекршоци.
Ова е втора акција на Царинската управа во краток временски период насочена кон сузбивање на нелегалната трговија со тутун. Претходно, при контрола на пазарот во скопската населба Чаир, биле запленети 135 килограми режан тутун.
Од Царинската управа најавуваат дека продолжуваат со засилени контроли во внатрешноста на државата, како и со интензивирање на истрагите за увозот на тутун и тутунски производи, со цел спречување на нелегалната трговија и заштита на државниот буџет.