Запленети ореви и кикирики без потекло во Чучер-Сандево

По добиена пријава и по преземени мерки од Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство спровеле вонреден надзор на товарно возило на подрачјето на општина Чучер-Сандево, во кое се превезувала храна со сомнително потекло.

При контролата биле пронајдени 1.060 килограми кршени ореви и 581 килограм кикирики во зачинета обвивка, спакувани во рефус, без идентификациски ознаки и без неопходни информации за потрошувачите. Во истото возило биле пронајдени и 900 килограми индиски ореви со соодветна декларација.

Поради тоа што дел од производите немале документација за потекло и квалитет, согласно Законот за безбедност на храна, тие се прогласени за небезбедни и ќе бидат уништени на безбеден начин.

Против лицето кое било затекнато при контролата е поведена прекршочна постапка за пуштање во промет на небезбедна храна од нерегистриран оператор, а изречена му е и парична казна од 600 евра во денарска противвредност.

Агенцијата за храна и ветеринарство најавува дека ќе продолжи со засилени контроли на терен за спречување на промет на небезбедна храна и за заштита на здравјето на потрошувачите.