Запленети тутунски производи вредни над 1,8 милиони денари во Струга

Царинската управа заплени поголема количина тутунски производи без акцизни марки при контрола на малопродажен објект во Струга. Акцијата е спроведена од мобилни царински тимови и царински службеници од Царинарница Битола, при што е спречен обид за нелегална трговија со акцизна стока.

Како што информираат од Царинската управа, запленети се вкупно 1.027 кутии цигари, 1.387 електронски цигари (вејпови), 530 парчиња цигарилоси, 503 пакувања тутун за наргиле, 77 пури и 19 пакувања тутун за пушење, сите без акцизни маркички. Вредноста на запленетата стока се проценува на над 1,8 милиони денари.

Со оваа акција е спречено избегнување на плаќање акциза во износ од 509 илјади денари. Против сторителите е поведена соодветна постапка.

Од Царинската управа најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со засилени контроли со цел спречување на нелегалната трговија со акцизни производи, заштита на финансиските интереси на државата и унапредување на заштитата на здравјето на граѓаните.