Започна исплатата на МојДДВ за четвртиот квартал од 2025 година

Исплатата на средствата преку апликацијата МојДДВ за скенираните фискални сметки од четвртото тримесечје на 2025 година е во тек, соопшти Управата за јавни приходи (УЈП).

Според информациите од УЈП, за последниот квартал од 2025 година вкупно 924,5 милиони денари ќе бидат исплатени на 526.123 корисници на апликацијата МојДДВ.

До овој момент се реализирани 184,5 милиони денари, исплатени на сметките на 104.000 корисници. Исплатата ќе продолжи постепено, по обработка на налозите, а средствата ќе се уплатуваат директно на трансакциските сметки на корисниците.

Од УЈП посочуваат дека 5.292 корисници кои скенирале фискални сметки имаат внесено погрешна трансакциска сметка, поради што не можат да ги добијат средствата.

– Доколку не сте добиле исплата, проверете и ажурирајте ја трансакциската сметка директно во апликацијата МојДДВ. На тој начин УЈП ќе има точни податоци и ќе може да изврши исплата на повратот, апелираат од Управата за јавни приходи.