Свет

Започнува трета светска војна?

Започнува трета светска војна?

Германските граѓани се предупредени да се подготват за можна Трета светска војна со Русија, откако рускиот претседател Владимир Путин уште еднаш се закани со нуклеарен напад.

Тензиите се зголемија откако американскиот претседател Џо Бајден и даде дозвола на Украина да користи ракети со долг дострел за да ја нападне Русија, по што Путин потпиша декрет дека нуклеарното оружје останува последната линија на одбраната. После тоа, Москва потврди дека Украина користела американско оружје за да го нападне регионот Брјанск. Во септември, Путин рече дека ако западните земји и дозволат на Украина да нападне подлабоко во Русија со ракети со долг дострел, „тоа ќе значи дека земјите од НАТО, САД и европските земји се во војна со Русија“.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус рече дека Русија не претставува само воена, туку и хибридна закана и дека Европа треба да преземе широк пристап кон одбраната. Германското МНР вети и дека Путин нема да ја „заплаши“ земјата откако беше откриено дека Германија ќе стане полигон за обука на НАТО доколку конфликтот дополнително ескалира, пренесува АП.

Во документот од 1.000 страници, наречен „Operationsplan Deutschland“, Германија ќе биде домаќин на стотици илјади војници од земјите на НАТО, се наведува. Ќе служи како логистички центар за испраќање воена опрема, храна и лекови на фронтот, пренесува британски The Sun.

Војската во Германија, исто така, ги информираше цивилите и компаниите како да ја заштитат инфраструктурата и да бидат подготвени да ја одбранат земјата доколку е нападната, без разлика дали се работи за саботажа, напади со беспилотни летала или шпионски операции.

Треба да се постават планови за кризи со луѓе кои ќе бидат одговорни што да прават во итен случај, додека залихите на дизел треба да се складираат. Плановите на Германија следат чекори што веќе ги преземаа скандинавските земји. Финска ги потсети своите граѓани на нивната „обврска за национална одбрана“ и неодамна отвори нова информативна веб-страница, додека Шведска објави детален водич за тоа како да бараат засолниште и што да прават во случај на нуклеарен напад. Нивните упатства ги следат сличните совети издадени од нивните балтички соседи, Норвешка и Данска, кои поставуваат списоци со храна и лекови што граѓаните треба да ги имаат.

Германскиот министер за одбрана Писториус во вторникот рече дека официјалните лица мора да претпостават дека оштетувањето на два кабли за податоци под Балтичкото Море, од кои едниот завршува во Германија, е предизвикано од саботажа – иако тој рече дека сè уште немаат докази.

Да потсетиме, американскиот претседател Џо Бајден во меѓувреме даде уште едно „зелено светло“ за Украина и одобри испраќање противпешадиски мини. Ова треба да помогне да се забави руското напредување на истокот на земјата.

САД очекуваат Украина да користи мини на нејзина територија, иако вети дека нема да ги користи во областите населени со цивили, изјави претставникот за Ројтерс.

Покрај тоа, пет извори запознаени со ситуацијата во Кремљ изјавија за Ројтерс дека Путин е подготвен да разговара за прекин на огнот во Украина со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, но исклучува какви било големи територијални отстапки и инсистира Киев да се откаже од своите амбиции да се приклучи кон НАТО.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни