Делницата од автопатот А1, на потегот Велес – Градско, е затворена од 01:20 часот поради голем пламен и отпаднати делови од приколка на товарно возило. Според податоците на Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), сообраќајот е пренасочен по експресниот пат Градско – Дреново.
На магистралниот пат Прилеп – Градско, сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента. Од АМСМ информираат дека коловозите на повеќе државни патишта се влажни, а интензитетот на сообраќај е умерен.
На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез и излез од државата.
АМСМ апелира возачите да ја прилагодат брзината според условите на патот и да внимаваат на поставената сообраќајна сигнализација. Особена претпазливост се препорачува при возење низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои зголемен ризик од појава на одрони — особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.