Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека конечната одлука ќе ја донесат комисијата и правните експерти, но извесно е дека уште неколку високообразовни установи ќе бидат затворени. Ова го истакна во одговор на прашањето дали се очекува затворање на нова високообразовна институција поради нерегуларности, доколку истите не се исправат во дадениот тримесечен рок.
Министерката вчера потврди дека Министерството за образование и наука донело одлука за затворање на Институтот за биометриски истражувања од Скопје, кој претставува осмата затворена научно-образовна институција досега.
–За жал, законот не е доизречен и ние во моментот правиме ново законско решение каде што ќе се предвидат сите пропусти кои постоеле досега во законот. Во овој момент, тргнавме да ги средиме работите, да не се прави некаква дополнителна штета, а кога ќе го завршиме тоа и со новите законски решенија ќе постапуваме така како што треба, рече денеска Јаневска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.