Во Основниот суд во Штип денеска беа изнесени завршните зборови за свирепото убиство на 79-годишната Борјанка Николова. Додека обвинителството бара најстрога казна за 74-годишниот Денис Асанов, неговата одбрана инсистира на ослободителна пресуда, тврдејќи дека тој е невин.
Обвинителката Александра Здравкова-Стојанова во своето обраќање го опиша делото како грозоморно и монструозно. Според обвинението, Асанов немилосрдно ја убил жената, по што со остар предмет ѝ ги отсекол главата и нозете. Трупот го закопал во дворот на својата куќа, додека останатите делови од телото ги фрлил на непозната локација.
„Врз основа на изнесеното, во целост ќе се докаже дека обвинетиот извршил монструозно убиство, го закопал трупот во својот двор, а главата и нозете ги фрлил на непознато место“, истакна Здравкова-Стојанова.
Од друга страна, обвинетиот Асанов денеска пред судот негираше вина, изјавувајќи дека „ги сакал жените и никогаш не кренал рака на нив“. Неговата адвокатка, Елизабета Панева, посочи дека доказите се недоволни и не ја отсликуваат реалната слика за злоделото. Таа побара ослободителна пресуда и домашен притвор, нагласувајќи дека не постојат докази оти мотивот е поврзан со полот на жртвата или со родово засновано насилство.
Убиството се случи минатата година, а телото беше пронајдено две недели по смртта. Обдукцијата утврдила дека жртвата имала осум скршени ребра и тешки повреди на градниот кош предизвикани од силен притисок. Иако Асанов првично го признал делото пред истражните органи, подоцна ја смени изјавата, тврдејќи дека само го пронашол телото во куќата.
Пресудата за овој случај судијката Јулијана Недкова ќе ја објави на 28 април во 14 часот.
