Здравствен парадокс: Хигиеничарка ќе зема поголема плата од медицинска сестра ако не се сменат коефициентите?

„Не може матичен гинеколог во Струмица да има пониска почетна плата од колега во Скопје“. Ова е главниот револт на Синдикатот на здравствени работници, кои денеска пред министерот за здравство Азир Алиу го вклучија алармот за состојбата во јавното здравство.

Синдикалците предупредуваат дека ако итно не се донесе унифициран колективен договор, егзодусот на белите мантили од внатрешноста кон Скопје ќе продолжи, оставајќи ги помалите градови без лекари.

Се вчитува...

Опасност од уравниловка: Сестра со диплома vs. Хигиеничарка

Најголемиот страв на здравствените работници е најавеното покачување на минималната плата, кое без усогласување на бодовите во колективните договори, ќе направи хаос во хиерархијата.

Боби Бојчевски од Синдикатот на здравствени работници ја илустрираше апсурдноста на ситуацијата:

„Ако дојде до покачување на минималната плата – извинете, но хигиеничарка ќе зима поголема плата од дипломирана медицинска сестра, бидејќи платите не се усогласени со колективните договори. Ова е недозволиво“.

Барања на маса: 50% повисоки плати за 4 години

Синдикатот испорача конкретен пакет барања до Министерството:

  1. Унифициран колективен договор – иста плата за иста работа, без разлика дали лекарот работи во Скопје или во Берово.
  2. Зголемување на платите – раст од 40 до 50% во наредните четири години.
  3. Решавање на статусот на „договорците“ – трајно вработување за медицинскиот персонал кој со години работи со договор на дело.

Липково без Брза помош

На средбата биле отворени и горливите проблеми на помалите места. Како драстичен пример беше посочено Липково, кое се соочува со сериозен недостиг на кадар и проблеми со функционирањето на Брзата помош, оставајќи ги жителите без соодветна здравствена заштита во итни случаи.

Преговорите продолжуваат – закажан е уште еден состанок со министерот на кој се очекуваат конкретни одговори.