Зеленски: Русија ги отфрла сите мировни напори – санкциите мора да се заострат

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес разговарал со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, за што информираше на социјалната мрежа Х. Зеленски наведе дека лично ѝ се заблагодарил за нејзината „јасна позиција и пораките за поддршка на Украина“ што ги изнесе за време на денешниот говор во Европскиот парламент во Брисел.

„Целосно се согласуваме: додека Русија продолжува да ги одбива сите мировни напори, санкциите против неа мора да се заострат, а одбранбената и финансиската помош за Украина мора да продолжи“, порача Зеленски.

Тој додаде дека една од темите на разговор биле и замрзнатите руски средства, од кои голем дел се наоѓаат во земјите на Европската унија.

Во тек е расправа дали овие средства може да се искористат за финансирање на украинската одбрана. „Разговаравме за актуелната дипломатска ситуација и за работата на Европската унија на одлуката за користење на замрзнатиот руски имот за одбрана на Украина“, заклучи украинскиот претседател.