Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Киев ќе ги напушти разговорите со Москва доколку Русија продолжи да ги уништува Украинците во Мариупол и организира „псевдореферендуми“ за создавање „псевдорепублики“ на нејзините окупирани територии.
Зеленски ова го изјави на прес-конференција во Киев.
Руските сили во Украина се обидоа да упаднат во фабрика за челик во Мариупол, каде што се кријат војници и цивили, во обид да го скршат најновиот отпор во градот, кој е од големо симболично и стратешко значење за Москва, објави Асошиетед прес. Нападот беше извршен на Велигден, откако Кремљ соопшти дека неговите сили го зазеле разурнатиот град, со исклучок на централата Азовстал.
Судбината на Украинците во големата фабрика се уште не е јасна. Претходно истиот ден, украинскиот волонтерски баталјон Азов објави видео снимено два дена претходно. На него се прикажани жени и деца кои се кријат во подземниот комплекс, некои од нив два месеци.
Гранатирани беа и други градови и села во јужна и источна Украина. Тримесечно бебе е меѓу шестмината убиени откако руските сили истрелаа крстосувачки ракети кон Одеса, објави АП, повикувајќи се на соопштение на украинските власти.