Од 26 септември Грузија планира да ги затвори границите со Русија за мажи. Ова во етерот на украинската телевизија „Слобода“ го соопшти пратеникот на опозициското „Обединето национално движење“ во грузискиот парламент, Нона Мамулашвили. Мамулашвили се повика на неофицијалните информации што ги добила.
„Од понеделник Грузија ги затвора границите за мажи на возраст од 18 до 55 години“, кратко прокоментира таа. Пратеникот рече и дека граѓаните на Руската Федерација на границата ги чекаат построги проверки.
Во саботата се дозна дека на излезот од Русија кон Грузија се натрупале 2-3 илјади автомобили. Информацијата дојде од прес-службата на Министерството за внатрешни работи на Северна Осетија. На граѓаните им е препорачано да се воздржат од патување во правец на Грузија преку граничниот премин Верхниј Ларс. Сообраќајниот метеж таму продолжува четврти ден. Според официјалните податоци, преку овој граничен премин секојдневно од Русија кон Грузија заминуваат над 2.000 автомобили.
Во неделата редицата за влез во Грузија се зголеми на 20 километри, а во ред чекаа околу 2.500 автомобили. Хуманитарните организации предупредуваат на проблеми – има автомобили без гориво, нема вода, има семејства со мали деца. Многумина се обидуваат да ја поминат границата пеш, влечејќи куфери на тркала, но граничарите не ги пуштаат пешаците – може да се помине само со автомобил или велосипед.
Претходно, грузиската владејачка партија соопшти дека е исклучено воведувањето визен режим и воведувањето какви било ограничувања за руските граѓани.
Тбилиси до сега официјално не ја потврди информацијата за воведување ограничувања за Русите на возраст за мобилизација. Опозицијата бара и воведување визен режим за Русите.