Во екот на жетвата на јачменот и во пресрет на почетокот на жетвата на пченицата, земјоделците предупредуваат дека годинашната сезона ја дочекуваат со помали приноси и откупни цени кои, според нив, не ги покриваат ниту основните производствени трошоци.
Од Националната земјоделска мрежа велат дека моменталните пазарни цени за пченицата и јачменот се значително пониски од реалната цена на производство, што ги доведува производителите во загуба.
Тие посочуваат дека поскапувањето на репроматеријалите, горивото и работната сила дополнително ја влошува состојбата и бараат државата итно да интервенира со субвенции и мерки за заштита на производството на овие стратешки земјоделски култури.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пак, велат дека откупните цени се формираат според пазарните услови, но потсетуваат дека Законот за земјоделство и рурален развој предвидува можност за државна интервенција доколку се утврдат пазарни нарушувања.
„Законот предвидува интервентен откуп и утврдување интервентна цена со цел стабилизација на пазарот и заштита на земјоделските производители. Дополнително, на располагање е мерката за складирање на пченица и јачмен во периодот од 15 јуни до 15 септември 2026 година“, соопштуваат од Министерството.
Според земјоделците, врз годинашното производство негативно влијаеле и недостигот од пролетни врнежи, како и долгите сушни периоди, поради што приносите се значително намалени.
Тие предупредуваат дека доколку не се обезбедат повисоки откупни цени или дополнителна државна поддршка, постои ризик во наредните години да се намалат површините засеани со пченица и јачмен, што би можело да влијае и врз домашното производство на житни култури.