Возачите кои утрово патуваат кон јужната граница треба да сметаат на кратко задржување на граничниот премин „Богородица“, каде поради зголемен број возила се чека околу 20 минути за излез од државата.
Според информациите од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, но интензитетот на возила е зголемен на патните правци надвор од градските средини.
Од АМСМ апелираат до возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од појава на одрони.
Посебна претпазливост се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.