Производството на млеко и јајца во земјава бележи пораст во 2025 година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика, кои денеска ги презентираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски од Прилеп.
Според статистиката, производството на кравјо млеко достигнало околу 290.000 литри, што претставува зголемување од 2,7 проценти во однос на 2024 година. Кај овчото млеко, пак, се произведени околу 27.000 литри, што е раст од 4 проценти споредено со претходната година.
Од друга страна, податоците укажуваат на мал пад во производството на козјо млеко, додека кај производството на јајца е евидентирано зголемување во однос на 2024 година.
Министерот Трипуновски посочи дека зголемената продукција не мора секогаш да оди паралелно со зголемување на бројот на добиток. Како што објасни, подобрувањата во генетскиот потенцијал и начинот на исхрана може да придонесат за повисока продуктивност, дури и кога бројната состојба на сточниот фонд останува непроменета.
Тој најави дека во текот на 2026 година ќе се преземат мерки за зголемување на бројот на овци, преку задржување на повеќе женски јагниња, со цел зајакнување на домашното овчарско производство.
