Култниот загрепски облакодер „Вијесник“, кој минатата недела беше зафатен од пожар, не може да се спаси, оцениле експертите. Потпретседателот на хрватската Влада, Бранко Бачиќ, денеска објави дека експертите од Хрватскиот центар за земјотресно инженерство утврдиле дека конструкцијата на објектот е нестабилна и претставува непосредна опасност, па неговото рушење мора да се спроведе што е можно побрзо.
За предизвикување на пожарот се осомничени двајца 18-годишници, кои во објектот запалиле картонска кутија полна со хартија. Двајцата се ставени во едномесечен притвор и, според нивниот адвокат Мирко Миличевиќ, се соочуваат со казна затвор од една до десет години.
Миличевиќ истакна дека клучното прашање сега е кој ќе ја надомести огромната материјална штета. „Можно е, доколку се докаже вината на осомничените, нивниот имот да биде оптоварен со обврската да ја надоместат штетата, што би можело да трае цел живот“, појасни тој.