Празничната треска започна, но наместо само еуфорија, таа со себе носи и математика. Граѓаните веќе ги прават пресметките колку ќе чини „најлудата ноќ“, а првичните калкулации покажуваат дека без неколку илјади денари, дури и најскромната домашна трпеза е невозможна мисија.
Истражувањето на терен покажува јасна дистинкција: цените во големите маркети остануваат „солени“, додека спасот за домашниот буџет се бара на зелените пазари.
Руска, кифли и сарма – минимум 100 евра?
Не е во прашање само традиционалната трпеза – руска салата, кифлички и сарма, туку и подароците и украсувањето. Граѓаните се децидни – желбите се големи, но паричникот се стеснува.
„Цените се доста високи за нашиот стандард. За домашна атмосфера, без 4.000 денари не можете да поминете“, вели еден анкетиран граѓанин.
Други пак, прават поширока пресметка која ги вклучува сите претстојни празници.
„Руска салата, кифлички, благо, сармичка, месо, сокови… Најниско 5-6.000 денари. Но, ако ги гледаме работите реално, тука се и Божик и Коледе. Под 10.000 денари не можеш да бидеш. Една просечна бруто плата би заминала за празниците“, коментираат граѓаните.
Месарите се жалат: „Младите се иселија, старите купуваат по малку“
Иако Државниот завод за статистика за ноември регистрираше пад на цената на зеленчукот за 3,9%, сликата во месарниците открива друг, потажен социјален момент. Цените на месото се стабилни, но потрошувачката е намалена поради иселувањето.
Најбарано е свинското месо – кременадли и врат за печење или скара.
- Свинско со коска: околу 350 денари/кг.
- Свинско без коска: околу 400 денари/кг.
Трговците на пазарот велат дека цените нема да се менуваат пред Нова година, но прометот не е како порано.
„Тие што требаше да јадат месо, младите, се иселија од државата. Останаа старите. И сега купуваат како за двајца-тројца. Порано се земаше многу повеќе, ќе дојдеше друштво, се правеа големи прослави“, раскажува еден месар.
Заклучокот е јасен: Традицијата ќе се испочитува и без новогодишна трпеза нема да се остане, но раскошот на масата оваа година ќе зависи исклучиво од длабочината на џебот.
