Балкан

Жители од повеќе балкански земји го почувствувале силниот земјотрес во Италија

Жители од повеќе балкански земји го почувствувале силниот земјотрес во Италија

Силниот земјотрес што ноќеска ја погоди јужна Италија не бил почувствуван само на Апенинскиот Полуостров, туку и во повеќе земји од регионот. Според сведоштва на граѓани објавени на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, потресот бил забележан и во Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Грција.

Најмногу реакции пристигнале од јужните италијански региони Калабрија и Сицилија, каде што жителите опишуваат силно тресење кое ги разбудило во текот на ноќта. Потресот бил почувствуван и во Неапол, Базиликата и Пуља.

Граѓаните од Месина сведочат дека земјотресот траел околу десет секунди и предизвикал нишање на лустери, мебел и други предмети во домовите. Слични искуства споделиле и жителите на Реџо Калабрија, каде што се почувствувало движење на кревети и мебел во становите.

Во Вила Сан Џовани дел од жителите пријавиле повеќе последователни движења на тлото, а некои навеле дека вториот удар бил уште поинтензивен од првиот.

И покрај тоа што земјотресот бил почувствуван на широко подрачје, италијанските власти засега не пријавуваат повредени лица ниту материјална штета. Според првичните проценки, причината за тоа е големата длабочина на хипоцентарот и фактот што епицентарот бил лоциран во морето, што значително го намалило разорниот ефект врз копното.

По потресот, италијанската цивилна заштита активирала кризен штаб во Рим и воспоставила постојана комуникација со локалните власти во подрачјата најблиску до епицентарот. Од општините Четраро, Ламеција Терме и Амантеја не се пријавени штети, а проверките на инфраструктурата и објектите долж брегот на Калабрија продолжуваат.

Надлежните служби и натаму ја следат состојбата, но засега нема индиции дека земјотресот предизвикал посериозни последици.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни