Жителите на селото Паничари, општина Сарај, го блокираа патот и не дозволија да продолжи ископот за изградба на гасоводот кој поминува преку нивното село. Причината за нивниот револт, како што тврдат, е што никој не им платил за нивното земјиште.
„Некој има документација, но и оној што ја нема знае дека 100 години дека ова е нечиј имот. Некој му го оставил, дедо или татко. Го гледате патот, носејќи материјали со камиони, го уништија целосно“, истакна Шаби Јакупи.
Сабит Шабани бил принуден да го продаде добитокот, бидејќи како што вели, му ја уништиле нивата, па немал каде да го води на пасење.
„Мене ме оставија еден месец без вода и ме принудија да го продадам добитокот“, посочи Сабит Шабани.
Најголемиот револт е поради патот кој го уништуваат градежните камиони, пат кој тие самите го изградиле со нивни финансиски средства.
„На почетокот ни велеа – ќе ви го изградиме патот, а нивите што ќе се уништат, ќе бидат исплатени. Тие сега ниту ни платија за нивите, ниту патот ни го изградија. Им велиме да го изградат, па потоа ако сакаат нека си играат. Но, без да го изградат патот не може“, додава Пајаз Јакупи.
„Секојдневно возилата ги уништуваме, ги видовте дупките. Но, што кога ќе дојде зима и кога ќе завее снег?“, вели Раман Шабани
Иако требаше, сепак изведувачот не дојде. Од компанијата што го врши ископот за Тв21 велат дека секаде каде што има вакви градежни активности, се уништуваат улиците. Планот е активностите во овој дел е да завршат до август, па веднаш потоа ќе го санираат патот.
Градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, вели дека жителите имаат имотни проблеми, и додава дека селскиот пат ќе биде изграден, бидејќи тоа е должност на општината.
Во меѓувреме, локалните жители најавија дека секој ден ќе ги блокираат улиците додека не го добијат тоа што им припаѓа.
.