По испитувањето на мострите земени од површинската вода во одводниот канал кај селото Таор, Институтот за јавно здравје потврди присуство на жива и сребро, објави СДК. Испитувањето беше извршено по барање на АД „Водостопанство“ и следеше по појавата на бела пена што на 21 ноември минатата година извираше од истиот канал.
Од Државниот инспекторат за животна средина изјавија дека е забележан зголемен број на термотолерантни колиформни бактерии, зголемени концентрации на жива и нитрити како азот, како и присуство на сребро. Од ИЈЗ ја препорачаа континуирана контрола на нивото на жива, која претставува опасност за рибниот фонд и за здравјето на луѓето доколку се консумира загадена риба.
Инспекторатот посочи дека во каналот завршуваат отпадните води од општините Гази Баба, Илинден, Арачиново и Петровец, а Скопје сè уште нема пречистителна станица за третман на отпадни води.
Според евиденцијата на Инспекторатот, инцидентот е поврзан со активирањето на пумпите за отпадни води од системот на Скопско Поле, по што визуелно беше утврдено можно сериозно хемиско загадување на Вардар.

