На денешната лидерска средба, која се одржа на иницијатива на претседателот на Владата, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија беше претставено од генералниот секретар на партијата и министер за јавна администрација, Горан Минчев, како и од координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски.
Од ЗНАМ ја поздравија иницијативата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост, во период кога пред државата стојат клучни стратешки одлуки.
На средбата биле отворени повеќе теми, за кои движењето ги изложило своите ставови. Во однос на Законот за Влада и постоењето на техничката, т.н. пржинска влада, ЗНАМ смета дека таа треба да биде укината.
„Таканаречената Пржинска влада беше воведена како привремено решение и со јасна задача. Денес таа е анахрона и претставува кочница за функционирањето на институциите. Македонија има капацитет самостојно да организира кредибилни избори и затоа ова решение мора да биде укинато“, изјави Карапејовски.
Во делот на Изборниот законик, движењето се залага за реформа со воведување една изборна единица, што според нив би обезбедило еднаква вредност на гласот и пофер политичка застапеност. Паралелно, ЗНАМ инсистира на транспарентни правила околу финансирањето на политичките партии.
Во однос на реформските закони поврзани со правосудството и пошироката реформска агенда, движењето дава поддршка и повикува на политички консензус, како предуслов за владеење на правото и европскиот пат на државата.
За изборот на Народен правобранител, ставот на ЗНАМ е дека функцијата треба да ја врши лице со висок професионален и морален интегритет, кое ќе биде независен заштитник на правата на граѓаните.
Движењето се залага и за побрзо носење на Законот за прекршоци, со цел зајакнување на правната сигурност и безбедноста на граѓаните.
„Лидерската средба ја гледаме како можност сите релевантни политички фактори да покажат зрелост и одговорност. Потребни ни се храбри, но државнички одлуки, изборни и правосудни реформи и јасен консензус околу европската иднина на Македонија. Интересот на државата и граѓаните мора да биде над се“, порача Карапејовски.
ЗНАМ останува посветено на дијалогот, реформите и градењето функционална, праведна и европска држава во која интересот на граѓаните е над партиските калкулации.
