На повеќето од нас им е познат чувството кога се нахраниме добро, но сепак сакаме нешто слатко. Зошто е тоа така, сега објаснија меѓународен истражувачки тим предводен од Институтот Макс Планк за метаболистички истражувања во Келн, Германија. Според нивните наоди, истите нервни клетки во нашиот мозок кои ни даваат чувство на ситост по оброкот, исто така, предизвикуваат желба за слатко.
Во студијата, научниците под водство на Хенинг Фенселау ги испитувале реакциите на глувците на шеќер, откривајќи дека глувците јадат слатко и кога се целосно сити. Скенирањето на мозокот покажало дека за тоа се одговорни одредени групи нервни клетки, пишува тимот во списанието Science. Овие така наречени ПОМЦ неурони стануваат активни веднаш штом телото апсорбира храна.
Кога глувците се сити и јадат слатки, овие нервни клетки не само што ослободуваат хемиски супстанции кои сигнализираат ситост, туку и опијат кој природно се произведува во телото – бета-ендорфини. Според студијата, тоа предизвикува чувство на награда кое ги поттикнува животните да јадат уште повеќе шеќер. Механизмот бил активиран во експериментите кога животните само го перципирале шеќерот, а не го јаделе.
Скенирањето на мозокот покажало дека истата регија на мозокот кај луѓето реагира на шеќер. Како и кај глувците, многу рецептори за опијати се наоѓаат во близина на неуроните кои се одговорни за чувството на ситост.
„Од еволуциски аспект, ова има смисла: шеќерот е реткост во природата, но брзо дава енергија“, вели водителот на студијата Фенселау. Мозокот е програмиран да го стимулира внесувањето шеќер кога ќе стане достапен, додава тој.
Резултатите може да бидат значајни за лекување на гојазноста. Иако веќе постојат лекови кои ги блокираат опијатските рецептори во мозокот, намалувањето на телесната тежина постигнато со нив е помало отколку со инјекции за потиснување на апетитот. Фенселау вели дека комбинацијата на различни терапии може да биде корисна, но предупредува: „Сè уште мораме да го истражуваме ова понатаму.“